ВМРО-ДПМНЕ: Скандалозно е Судот да потклекнува под партиско-политичките притисоци власта и нејзините филијали

Судот мора да работи по словото на законот и никако поинаку. Недозволиво е да потклекнува под партиско политичките притисоци на СДСМ и нивната испостава Специјалното јавно обвинителсвто (СЈО). Впрочем дека судот потпадна под ваквиот невиден притисок е и последната одлука за одредување на притвор спротивно на правните аргументи, изјави во четвртокот пред Апелациониот суд Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа одлука е скандалозна од причина што при носењето не биле земени аргументите на одбраната, туку е водена исклучиво според барањата и диктатите на СЈО. Оваа хајка во која сега директно се вклучи и судот е крајно тенденциозна и има за цел да изврши удар врз функционерите и самата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова сценарио има за цел да ги руши позициите на Македонија во пресрет на распродажбата на националните и државни интерeси кои на големо ги подготвува Зоран Заев“, рече Ѓорѓиевски.

Нагласи дека овој притисок е оркестриран, дотолку повеќе што во него се вклучија и медиумите блиски до СДСМ кои сега креваат нова хистерија со барања за апсења. Оваа хистерија е јасна, бидејќи немаат правни аргументи, брзаат да апсат.

„Јасно е дека притисокот на СЈО и СДС врз судовите ќе продолжи и понатаму. Затоа им порачуваме дека овие одлуки ќе бидат преиспитани, кога ќе дојде до промена на власта. Оваа антидржавна кампања на СДС и на Зоран Заев ќе дојде до својот крај многу скоро. Тогаш секој ќе одговара за своите постапки, вклучително и сите правосудни органи кои спротивно на законот носат одлуки“, додаде Ѓорѓиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.