ВМРО-ДПМНЕ: Со штетниот договор за името Заев го прикрива политичкиот терор

Зоран Заев срамниот и штетен договор за името сака да го покрие со продолжување на политичкиот терор, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Теророт и политичките хајки имаат за задача да донесат страв и да ја дефокусираат трговијата со државните и национални интереси. Македонија е држава каде премиерот додека прифаќа и договара промена на име и идентитет, пратеници од опозицијата се обвинуваат за тероризам, познати уметници, актер, оперски пејач се прикажуваат за терористи. Правосудството уште еднаш покажа дека е алатка на власта. Одлуката на Кривичниот совет при Кривичниот суд за прифаќање на обвинителниот акт, не е базирана на правна аргументација, туку на политичка присила. Обвинението против десетината патриоти е еден од многуте процеси со политичка заднина и една од причините поради кои видни земји членки на ЕУ во нон пејперот јасно укажуваат дека во Република Македонија има партизирано судство, се наведува во нивното соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека партизираното судство е главната одлика на заробената држава.

Картелот на власт на чело со Коте Заев го користи партизираното судство за пресметка и заплашување на неговите политички неистомисленици и против секој еден граѓанин кој сака да се спротивстави на антидржавните политики на оваа влада. Обвиненијата за тероризам на пратеници и уметници е политичка нарачка на Коте Заев за внесување страв и дефокусирање од промената на името. Политичкиот прогон е видлив уште од самиот почеток на процесот, кога спротивно на сите правни процедури беа лишени од слобода, факт кој беше констатиран и од Народниот Правобранител и Комесарот за човекови права на Советот на Европа. Република Македонија ги живее најцрните денови на правосудството од 1949 година навака. равосудството мора да стане елемент за заштита на граѓаните, а не алатка во рацете на власта. Република Македонија мора да стане правна држава. Коте Заев и СДСМ мора да си заминат од власт, за Македонија да победи, се заклучува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.