ВМРО – ДПМНЕ: Спасовски да соопшти дали поднел кривична против „Гисеке и Девриент“ и за кое дело се товари

Спасовски да и соопшти на домашната и меѓународната јавност дали поднесе кривична пријава против германската компанија „Гисеке и Девриент“ и за кое дело се товари, порачаа денес од владејачката ВМРО – ДПМНЕ, по повод информациите што тој објави за наводен меѓународен криминал со печатење на македонски возачки дозволи.

Интегрален текст од сооптението на ВМРО – ДПМНЕ:

Оливер Спасовски беше технички назначен за Министер за внатрешни работи заради спроведување на изборите, а не за отварање на погон од Фабриката за афери на СДСМ во министерството.

Приватно, Спасовски може да се слика и контактира со разни криминалци како Чауш и Сума, одговарајќи за своите постапки, но службено не смее да го урива угледот на МВР.

Изминаа 5 дена откако Спасовски и обзнани на јавноста дека открил голем меѓународен криминал во кој е инволвирана германската компанија „Гисеке и Девриент“ со печатење на македонски возачки дозволи со двојни сериски броеви.

ВМРО-ДПМНЕ го повикува технички назначениот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски да и соопшти на домашната и меѓународната јавност дали поднесе кривична пријава против германската компанија „Гисеке и Девриент“ и за кое дело се товари?

Со оглед дека станува збор за светски реномирана компанија, домашната и меѓународната јавност очекуваат технички назначениот министер да почне да го отплеткува клопчето во оваа можна криминална мрежа и да објасни кои се мотивите и по чија наредба германската компанија „Гисеке и Девриент“ се вклучила во транснационалниот криминал.

Јавноста очекува одговор дали Спасовски побарал помош преку Интерпол за спроведување на меѓународна истрага против германската компанија и расчистување на нивните мотиви за криминал со обрасците за македонските возачки дозволи.

Доколку Спасовски опстојува на ставот дека открил криминал, ВМРО ДПМНЕ сака да го предупреди да се откаже од намерите за формирање комисија која ќе ги уништи дупликат формулари. Тоа е уништување на доказен материјал без наредба од повисоките органи во случај кога нема ниту кривична пријава. Тоа е незаконски.

Медиумите и јавноста ги очекуваат овие одговори. Медиумите и јавноста се сомневаат во капацитетите и искреноста на Спасовски. Оливер Спасовски треба да ги отфрли сомнежите дека повторно лажел и манипулирал како неговиот лидер Зоран Заев. На граѓаните не им треба уште еден Зоран Заев.

Има или нема криминал од страна на германската компанија и кои се мотивите на компанијата?