Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Што договорил Заев со Ципрас?

ВМРО-ДПМНЕ: Што договорил Заев со Ципрас?

Што договорил Заев во Давос на средбата со грчкиот премиер Ципрас? Зошто грчките власти инсистираат да не се излегува од рамката на тој договор? Што се крие од македонската јавност. Во земјава владее целосен молк по овие прашања кои се погласно се поставуваат. Власта избегнува одговори и секојдневно се прави дефокус со разни теми. Затоа невини луѓе, патриоти, се обвинуваат за тероризам и се држат во притвори. Демократијата и владеењето на правото се деградирани во Македонија под власта на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Десетици луѓе се притворени без основ и врз нив се врши политички терор, само затоа што имаат спротивен политички став од Зоран Заев. Правосудните органи не одлучуваат по закон и се кршат правата на притворените. Слободите и правата на луѓето се загрозени. Владеењето на правото е нарушено, ова го констатираше и Комесарот за човекови права на Советот на Европа. Притворените се жртви на класичен терор и политичка инквизиција во современа Европа во 21 век. Правата на притворените беа прекршени и при нивното апсење, факт кој го констатираше и Народниот правобранител. Факт кој беше игнориран од МВР, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се додава:

„Самото дело според кое се води истрагата против десетици македонски патриоти е неосновано и неаргументирано. Целиот процес е само акт на политички терор, кој мора да запре, во интерес на демократијата, плурализмот и владеењето на правото. Притворот како средство за обезбедување присуство се претвори во средство за казна. Ова е спротивно на основните принципи на човековите права, кои ја гарантираат неприкосновеноста на слободата и нејзиното лимитирање само во исклучително законски определени ситуации. Обврска која во Македонија не се почитува“.

Политички притворените патриоти, потенцираат од партијата, подолг период се држени во притвор без во постапката против нив да се поведе било какво истражно дејствија. -Тоа на дело ја покажува целата конструкција, неоснованост и безидејност. Правосудните органи имаа единствена можност да ја вратат довербата на граѓаните во правната држава. Правосудните органи мора да се издигнат на притисоците и да одлучуваат единствено врз база на закон.