ВМРО-ДПМНЕ: Телма да каже со име и со презиме кој правел притисоци кај нив

Отворено ја прашуваме пред целата јавност телевизија Телма да каже со име и презиме кој се јавувал и правел притисоци кај нив. Тоа е најважно во овој момент. Ако не се соопшти директно, тоа ќе значи дека Телма прави површен маркетинг на сметка на наводна борба против притисоци, стои во соопштението што денеска го упати владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат Телма да објавува прилози какви што сака и да не прифаќа никакви притисоци. Но, како што велат од партијата, во една ваква политичка ситуација, телевизија Телма со вакви чудни маркетиншки потези само добива сивило кое ни црвен телефон не може да го промени.

„Треба работите да се ословуваат со име и презиме. ВМРО-ДПМНЕ бара јавно да се каже кој прави притисок врз Телма и инсистира да не се ставаат сите политичари во ист кош. Телевизија Телма после овој потег има силна обврска пред јавноста да каже кој и вршел притисок. Ако Телма не го направи тоа, тогаш ќе остане јасно дека црвени телефони и површен маркетинг за слобода им се позначајни од транспарентноста и точното информирање“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека ќе ја прашуваат Телма да објави кој и правел притисоци, се додека не објави и нагласуваат дека тоа е нивна должност за да се спротивстават заеднички на сите обиди за манипулација на јавноста.

„На јавноста, откако Телма направи ваков чекор, не и се доволни црвен телефон и маркетинг директор кој го смислил ова. На јавноста и треба име и презиме кој и кога правел притисок врз оваа телевизија“, велат од владејачката партија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.