ВМРО-ДПМНЕ: Тевдовски претставува елементарна непогода за македонската економија

Министерот за финансии Драган Тевдовски со своето незнаење и конфузност претставува елементарна непогода и ризик за економијата на земјата, продолжувајќи бесрамно да ги задолжува граѓаните на Република Македонија и за помалку од два месеца успеа државата да ја задолжи за околу 70-ина милиони евра, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ објавено во саботата.

Од партијата истакнуваат дека граѓаните на Република Македонија секој ден кога се будат под власт на СДСМ, државата се задолжува за нови 1,7 милиони евра.

Владата на СДСМ, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, со ребалансот на Буџетот предвидува зголемување на задолжувањето за 150 милиони евра повеќе од планираното и откако оваа партија е на власт докажала дека воопшто не се грижи за државата и за нејзината економија.

„Тевдовски е збунет и конфузен. Тевдовски се обидува да ги лаже граѓаните и долговите што ги правеше нивниот поранешен градоначалник на Охрид, Александар Петрески, да ги припише на ВМРО. Тевдовски е загубен и не прави разлика меѓу доспеани и недоспеани обврски. Тевдовски не прави разлика меѓу долг на централната власт, локалната власт и јавните претпијатија. Срамно изгледаше Тевдовски обидувајќи се да најде некаква поткрепа за лагите на Заев дека скриениот долг бил 2 милијарди евра. Ниту има скриен долг, ниту најде 2 милијарди. Целосното фијаско на СДС и Тевдовски е сериозно. Тевдовски со своето незнаење и конфузност е елементарна непогода и ризик за економијата. Тевдовски треба да учи што е буџет и како се управува, но никако тоа не смее да го наплати од граѓаните. Катастрофалната економска политика на владата СДС веќе започнаа да ја чувствуваат и граѓаните на својата кожа“, се наведува во соопштението од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека граѓаните сакаат да знаат зошто државата се задолжува со толкава енормна сума и каде владата на СДСМ планира да ја потроши.

Прашуваат, исто така, дали владата на СДС планира да ја потроши на дадените ветувања за минимална плата од 16.000 денари, просечна плата од 30.000 денари, на плата од 100.000 денари за докторите, или пак планира овие пари да ги потроши на партиски вработувања

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.