Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Тие што го прекршија Уставот ги водат институциите, притворените не се терористи

ВМРО-ДПМНЕ: Тие што го прекршија Уставот ги водат институциите, притворените не се терористи

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека партиските инсталации во судството го рушат функционирањето на правдата и правната држава. Како што велат од партијата очигледно е дека судиите станаа партиски послушници и војници. Јасно е дека во овој момент Република Македонија е во тотален мрак, а од правната држава нема ни П.

-Судовите го погазија принципот на непристрасност и директно ги поткопаа темелите на македонската правна држава. Доколку судиите имаа интегритет, совест и свест ќе ги ослободеа сите неправедно притворени лица од 27-ми април, но очигледно е дека за нив е најважен политичкиот интерес. Вистинските виновници кои го прекршија Уставот и законите, во моментов ги водат институциите на Република Македонија. Уметниците, пратениците, полициски службеници не се терористи, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Од опозициската партија велат дека Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков и останатите приведени се жртва на политички прогон само заради нивната храброст гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните политики на власта на Заев.

-Судиите кои донесоа одлука за продолжување на притворот на искрените и чесни патриоти, уставобранители, се срам за судството и владеењето на правото. Одлуката на Апелациониот суд е скандалозна и не се темели на факти и докази, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш овој политички монтиран случај да биде повлечен, а притворот за уставобранителите мора веднаш да прекине.

-Судот стана алатка за политичка инквизиција која и се случува на Република Македонија. Судот е директен учесник во раздорот и продлабочувањето на кризата кои произлегуваат од катастрофалните политики на владата на СДСМ. Наместо да се придвижуваме кон Евроатланскиот пат, СДСМ со водење на ваква срамна и самоуништувачка политика, со монтирање и фабрикување на монтирани судски кривични постапки ја оддалечува Република Македонија и нејзините граѓани од европските стандарди, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.