ВМРО ДПМНЕ утре го објавува огласот за кандидати за претседател

Владејачката ВМРО ДПМНЕ утре ќе го објави огласот за пројавување интерес за кандидат за претседател на државата, информираше денеска директорот на Центар за комуникации, Илија Димовски.

„ВМРО-ДПМНЕ на својата веб страна, во текот на утрешниот ден, ќе го објави и јавниот повик за пројавување на интерес, односно приложување на кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Критериумите се веќе јавно соопштени. Тие се, дека кандидатите треба да ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на Република Македонија, да се членови на ВМРО-ДПМНЕ или поддржувачи на политиките на партијата и да се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и национални прашања“, рече Димовски.

Тој ги објасни и процедурите и начинот на работа на Конвенцијата на која ќе се избира кандидатот кој ќе влезе во трка за претседателската фотелја.

„На Конвенцијата ќе учествуваат 1300 делагати со право на глас. Делегати на Конвенцијата се: членовите на ИК на ВМРО-ДПМНЕ; членовите на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ; членовите на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ; членовите на ИК на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ; членовите на Претседателството на Републичкиот совет на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ; организационите секретари и потсекретари на ВМРО-ДПМНЕ; делегати избрани од Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ; претседателите на Централните комисии на ВМРО-ДПМНЕ; делегати избрани од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ; делегати избрани од Извршниот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и Извршниот комитет на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ; избрани и именувани функционери од ВМРО-ДПМНЕ; значајни личности и основачи на ВМРО-ДПМНЕ. Конечниот список со делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија ќе биде објавен на веб страната на партијата“, вели Димоски.

Кандидатот ќе избира на тајно и непосредно гласање.