ВМРО-ДПМНЕ: Ветувањата на СДСМ за изградба на нови студентски домови се лицемерни

Поразениот СДСМ нема никаков кредибилитет кога е во прашање унапредувањето на студентскиот стандард. СДСМ во минатото немаат спроведено ниту една образовна политика или проект, а студирањето на високо образовните институции беше обезбедено исклучиво за децата на нивните транзициски олигарси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение ви го пренесуваме целосно соопштението од ВМРО-ДПМНЕ:

Ветувањата за изградба на нови студентски домови во неколку градови се повеќе од лицемерни. Токму СДСМ жестоко се противеше на формирање на нови универзитети, меѓу кои и Универзитетот „Гоце Делчев“ за чии потреби сега ветуваат студентски сместувачки капацитети.

За разлика од нивните закани за укинување на факултети и бркање на професори, упатени од страна на нивниот идеолог Љубомир Фрчковски, кои за среќа нема да имаат можност за реализација поради тоа што повторно ќе бидат опозиција, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализираше и ќе продолжи да реализира бројни мерки и проекти со кои значително се унапредува студентскиот стандард.

За потсетување, изградени се нови современи сместувачки капацитети, во состав на студентскиот дом Стив Наумов, за што се издвоени 1,5 милиони евра, а дел од постојните капацитети во рамки на овој дом се реконструирани.

Во моментов во тек е втората фаза од процесот на темелна целосна реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Еден од блоковите е целосно обновен, опремен и функционален, а наскоро ќе биде пуштен во употреба и вториот реконструиран блок. Потоа ќе се започне со реконструкција и на останатите два блока и партерот.

Дополнително заменети се сите постоечки лифтови во сите студентски домови за што се инвестирани 250 илјади евра. Исто така избрани се и компании кои ќе извршат замена на инвентарот и поставување на перални и сушални во студентските домови.

Согласно ветувањата за изградба на 3 нови студентски домови, информираме дека за два од нив, Студентскиот дом „Невена Георгиева Дуња“ и за Студентскиот дом во Тетово, постапката е целосно завршена и наскоро започнат градежните активности.

Студентите добиваат нови модерни читални и библиотеки, нови лаборатории на факултетите каде студираат, современа стручна литература, користат стипендии во рамки на системот кој им нуди повеќе од 40 различни видови, добиваат бесплатен превоз во јавниот сообраќај, а се реализираат и бесплатните патувања за најдобрите студенти.

Владата предводен од ВМРО–ДПМНЕ предложи и конкретна законска регулатива со која ќе им се даде можност на најдобрите студенти на петте најдобро рангирани универзитети доколку имаат желба, да се вработат во јавниот сектор, а во меѓувреме, во интерес на студентите и обезбедување на соодветен работен ангажман, континуирано се поддржува и поврзувањето на високо образовните установи со бизнис заедницата во земјата.

Потсетуваме дека година стапуваат на сила и неколку усвоени законски одредби со кои се предвидува намалување на партиципацијата за 50% за студентите од самохрани и еднородителски семејства; се обезбедува парична стимулација за упис на технички факултети; промена на студентски статус, односно, доколку студент запишан на некој од државните универзитети во квотата со кофинансирање, по завршена втора студиска година на прв циклус на студии, по положувањето на сите дотогашни испити, оствари просечна оценка над 8.5, по автоматизам ќе биде префрлен во државна квота, а се воведуваат и стипендии за постдипломски и докторски студии.

Студентите и во иднина од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат да го добиваат заслуженото внимание и поддршка, за разлика од времето на СДСМ кога имаа третман на социјално загрозена категорија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.