ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ продолжува да создава хаос низ државата

Владата на СДСМ продолжува да создава хаос низ државата, обвинуваат во саботата од ВМРО-ДПМНЕ, по владината одлука за измени во Агенцијата за катастар кои според оваа партија всушност претставува зголемува на услугите на приватните катастарски фирми за 50 отсто.

„Со последната одлука на СДС за измените во Агенцијата за катастар на недвижности, каде најавија максималната цена да биде минимална цена како и укинувањето на можноста за 50 отсто намалување на цените на услугите министерот Сугарески фактички објави зголемување на цените на услугите на приватните геодетски фирми за минимум 50 отсто“, се истакува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сегашната минимална граница ќе стане максимална граница, додека максимална граница воопшто нема да постои. Имено, имајќи предвид дека во некои градови во Македонија има една или ниедна геодетска фирма, цената на услугите во тие градови може да се зголеми дури и за повеќе од 100 проценти.

„Владата на СДС единствено размислува како да си ги засити своите апетити, без да мислат за социјално ранливите категории граѓани. За тоа најдобар пример е и тоа што СДС најави враќање на делот на надлежности коишто ги имаат Агенцијата за катастар и недвижности на приватните геодетски фирми. Фактички тоа значи укинување на бесплатните геодетски елаборати за социјалните категории на граѓани, и укинување на бесплатните геодетски елаборати за граѓаните од поплавените подрачја“, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поради својата негрижа и непосветеност, се наведува во реакцијата, СДСМ и неговиот челник Зоран Заев се прочитана книга, а конечниот суд ќе го видат на претстојните локални избори каде жестоко ќе бидат поразени.