ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ само по основ на аукции за ДХВ се задолжи 70 милиони евра

Досега Владата на СДСМ само по основ на аукциите со државни хартии од вредност (ДХВ) се задолжи 70-ина милиони евра, а министерството за финансии во штурото соопштение вели дека новиот долг ќе го користи за тековно финансирање на Буџетот, рече во средата : Соња Гелова Стојанова од ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерството за финансии на чело со СДС покажа дека нема намера да престане со задолжувањето на државата преку издавање на државни хартии од вредност, нешто што само до пред неколку месеци го оценуваше како криминал и јавно им се закануваше на заинтерисраните банки. Кога тоа се правеше претходно по исти, па дури и подобри услови, СДС и ним блиските медиуми креваа хистерија, а сега молчат и одобруваат“, рече Гелова Стојанова.

Додаде дека со ова се покажува „лицемерието на СДС“, за коишто рече дека едно да говорат во опозиција, а друго да прават на власт.

„Тие дури без срам планираат до крајот на годината освен тековните задолжувања да го зголемат долгот за дополнителни 150 милиони евра. Го имаа ли ова напишано во својата програма кога лицемерно им ветуваа на граѓаните живот после изборите?“, запраша претставничката на ВМРо-ДПМНЕ.

Гелова Стојанова потсети дека последната аукција изнесуваше 10,6 милиони евра, од која само 227 илјади евра ќе се вратат како отплата на доспеан долг, а остатокот е чист долг на грбот на граѓаните.

„Нема ни збор за што ќе се искористат овие пари, дали со нив ќе се прави некој пат, некоја канализација, некое училиште, градинка или болница. Напротив, средствата за ваквите проекти во ребалансот тие безмилосно ги кратат“, додаде Гелова Стојанова посочувајќи дека тое средства ќе бидат потрошени за партиски вработувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.