ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ за девет месеци го чини народот 1,4 милијарди евра

СДСМ неконтролирано и расипнички се однесува со парите на граѓаните во Република Македонија и сведоци сме на секојдневното осиромашување, дека економијата тоне, а трошоците за живот растат, затоа што владата предводена од оваа партија во деветмесечното владеење граѓаните ги чинеше 1,4 милијарди евра, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицската партија посочуваат истовремено дека и покрај огромните задолжувања на државата, изостануваат капиталните проекти, како и ветеното зголемување на платите и пензиите.

„Сведоци сме на економски тероризам врз Македонија и нејзините граѓани! Власта предводена од Зоран Заев за да го оттргне вниманието од катастрофалните економски и антидржавни политики прстот го вперува кон политичките неистомисленици прогласувајќи ги за терористи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, отсетувајќи дека истакнати општествени дејци, како пратеници, режисери, доктори, архитекти, полициски службеници се соочуваат со досега невидени обвиненија за тероризам.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторни посочуваат дека притворените во врска со настаните од 27-ми април во Собранието не се терористи, туку се луѓе кои не се плашеа гласно да говорат против штетните политики на СДСМ и Зоран Заев.

„Секое продолжување на притворот од страна на Судот е порака до сите неистомисленици и до сите оние кои размислуваат различно од СДСМ. Македонија е единствената земја во Европа каде интелектуалци, актери, режисери и доктори се обвинети за тероризам“, се додава уште во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, се осврнуваат и на состојбите во македонското правосудство, истакнувајќи дека тоа мора своите одлуки и пресуди да ги темели врз почитување на законите и Уставот.

„Досегашните судски процеси покажаа дека ова е класична политичка хајка за замолчување на сите оние кои си ја сакаат оваа држава. Со политички затвореници низ затворите во Македонија нема напредок“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Бараат, како што велат, да престане „паритискиот прогон“ од страна на владејачката СДСМ и злоупотреба на институциите кои власта ги контролира.

„Власта предводена од СДСМ треба да прекине со сите институционални злоупотреби во државата. Зоран Заев и СДСМ треба да бидат свесни дека во оваа земја постојат луѓе кои секогаш ќе се спротивставуваат на штетните политики со кои се уништува Република Македонија“, се заклучува во реакција.