ТОП,Македонија,Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Владата не смее да склучува штетни договори за државата и народот

ВМРО-ДПМНЕ упати критики до Владата за нетранспарентност околу договорот за добрососедство со Бугарија порачувајќи дека таа не смее да склучува договори, како што наведува во соопштение, на штета на македонската држава и народ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, на околу еден месец до потпишувањето на договорот со Бугарија, премиерот Зоран Заев одбива да ги запознае македонските граѓани, спроведувајќи го целиот процес нетранспарентно, без да ги консултира експертите и граѓаните преку дебати и јавни расправи, како што ветуваше дека ќе прави за секое позначајно прашање.

„Заев многу одамна рече дека е спремен да ја свитка кичмата на Mакедонецот, за сега тоа го гледаме на дело. Заев од Софија ја обвини Македонија дека ширела национализам и омраза, но не најде ниту еден збор да го осуди национализмот на Божидар Димитров насочен против нашата држава, кој кажа дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека исполнувањето на договорот кој Заев го усогласил ќе значи крај на македонизмот. Што содржи договорот со Бугарија, што според Димитров би значело крај за македонизмот. Што знае Димитров, а македонските граѓани не знаат? Што крие Заев од граѓаните, што толку ги возбудува бугарските националисти, кои се воодушевени од изјавите на Заев дека бугарскиот и македонскиот народ се исти“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев од Бугарија, се додава во соопштението, плукна и по сопствената историја, велејќи дека ќе има бришење на одредени термини од учебниците по историја, без притоа да каже кој ќе одлучува што ќе биде бришено.

„ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека Владата на Република Македонија не смее да склучува договори на штета на македонската држава и народ. ВМРО-ДПМНЕ е за добрососедство со сите соседи и ќе поддржи се што е во знак на унапредување на взаемната соработка, но ништо што е на штета на државата, нејзиниот идентитет, јазик, култура и историја“, се вели во соопштението.