ВМРО-ДПМНЕ: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секогаш работела во интерес на малите и средните компании

ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција на денешната прес конференција на Васко Ковачевски за измените на законот за ДДВ.

„СДСМ повторно изнесува шпекулации и манипулации во јавноста.“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие измени не се нешто што сакаме да се сокрие или нешто што ќе биде штетно онака како што сакаат да се престави во дел од јавноста. Се работи за проект кој е дел од нашата програма запишан на страна 20 од програмата за последните парламентарни избори. “, реагираат во владеачката партија.

„Целосна инсинуација е  дека со оваа измена се посега во касата на малиот бизнис и тоа  воопшто не држи. Оваа мерка нема да падне на товар на малите бизниси, бидејки освен обврски за пресметување, тие ке имаат право на одбивка на ДДВ за влезните фактури. На овој начин се сузбива и сивата економија.“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Целта на овој проект  е да се зголеми бројот на даночните обврзници кои ќе имаат законска обврска за регистрирање за цели на данокот на додадена вредност. Тоа ќе придонесе за намалување на бројот на правни лица кои не пресметуваат ДДВ,  а чија дејност овозможува повисока додадена вредност,  како што се услужните дејности, што е причина да немаат интерес за доброволна регистрација за цели на ДДВ.“, објаснуваат во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„За да не создавате слика пред пошироката јавност дека ова го прави само Македонија за да ја наполни државната каса подвлекуваме дека ист праг на регистрација на ДДВ со Македонија со измените на законот ке имаат Германија, Белгија, Кипар, Естонија и сл. Во други земји пак, како Шпанија и Шведска нема праг и сите се обврзани за регистрација, независно од прометот кој го остваруваат. Некои земји пак, како Португалија, Данска Финска и други имаат понизок праг на регистрација од оној што е предложен кај нас.“, дополнуваат од партијата.

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секогаш работела во интерес на малите и средните компании. Впрочем ако некоја влада направила нешто за малиот бизнис, тоа е оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ. Обезбедивме 350 милиони евра евтини кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот, што ке отворат вкупно 7.500 нови работни места. Ја ублаживме казнената политика за фирмите. Ја подобривме бизнис климата. Отпочнавме голем циклус на инфраструктурни проекти кои значат работа и опстанок за илјадници мали компании.“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.