ВМРО-ДПМНЕ во Ресен и Битола, СДСМ во Скопје

Партиите, коалициите и независните кандидати што ќе учествуваат на локалните избори на 15-ти октомври, во средата ќе одржат митинзи и средби со граѓани во повеќе градови и населени места низ Македонија.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има средби со граѓани во Могила и Новаци и митинзи во Ресен и во Битола.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе одржи средба со граѓани во Чучер Сандево и митинзи во Шуто Оризари, Бутел и во Ѓорче Петров.

Движењето БЕСА организира собир со жители на Боговиње.

Регионалната средба за кандидат(к)и за градоначалници и носители на советнички листи за Скопскиот регион, во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Здружението на еднородителски семејства „Една може“ ќе се одржи во хотел „Холидеј ин“.

МОРО Работничка партија ќе има прес-конференција во ресторан на АРМ.

Младинскиот центар за култура и развој на прес-конференција ќе презентира извештај за изборите во 2014 и 2016 година, како и активности за претстојните Локални избори.

Кампањата за првиот изборен круг почна на 25 септември, а ќе заврши на 13 октомври на полноќ. Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.