ВМРО – ДПМНЕ: Во СДСМ има синдром наречен рушење

Во СДСМ има синдром наречен рушење. Тие секогаш зборуваат само за тоа што ќе рушат, што ќе извадат и што ќе корнат. Ниту еднаш не кажаа што ќе направат и што ќе изградат. СДСМ дваесет години нема ставено ниту еден штраф, нема изградено ниту еден објект. Тие не знаат да градат.

Ова се посочува во денешното соопштение што владејачката ВМРО – ДПМНЕ го упати во јавноста по повод прес – конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Во продолжение проследете го интегралниот текст од соопштението.

Последната прес-конференција на Петре Шилегов е уште еден показател на глупавата и беспредметна политика која што ја води СДСМ. Најдобар демант за изјавите на Шилегов се секојдневните посети и средби на Никола Груевски со стотици и стотици граѓани во населените места низ цела Македонија. ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ никогаш не се одвоила од својот народ, водејќи елитистичка политика од кафеани и монденски одморалишта на своите скапо платени јахти.

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се криела од својот народ и секогаш била подготвена да ја слушне неговата волја на избори, за разлика од СДСМ која како и досега па така и сега се плаши и бега од изборите, па затоа смислува нови услови, не сака договори само за да не се соочи со народот.

ВМРО-ДПМНЕ се оградува од лагите на СДСМ околу договорот од Пржино и изборот на специјален обвинител. Тоа што е договорено ќе се реализира, а најдобар показател за тоа е фактот дека Никола Груевски инсистира да има Специјален Јавен Обвинител, како предуслов СДСМ конечно да се појави пред народот и да го погледне во очи.

Во СДСМ има синдром наречен рушење. Тие секогаш зборуваат само за тоа што ќе рушат, што ќе извадат и што ќе корнат. Ниту еднаш не кажаа што ќе направат и што ќе изградат. СДСМ дваесет години нема ставено ниту еден штраф, нема изградено ниту еден објект. Тие не знаат да градат.

СДСМ почитта кон институциите на Република Македонија ја демонстрираше пред неколку месеци, организирајќи напад врз Владата и притоа физички повредувајќи 28 полицајци. Истиот овој Шилегов се потсмеваше на полицајците во акцијата во Куманово, исто како што се потсмеваше за сериозните напади врз зградата на Владата. Тоа го покажува тоталното отсуство на одговорност и неговата неспособност да ги процени сите спекти од пошироко регионално значење.

Единственото нешто што е очигледно кај СДСМ е стравот од извесниот убедлив пораз кој ке го доживеат на следните избори и тоа не може да го скријат. Овој страв е видлив секојдневно во нивните безидејни, празни јавни настапи на кои единствената содржина е немањето на концепт и демонстрирањето на очај.

Затоа тие по секоја цена јалово се обидуваат да го насочуваат нивното депримирано членство да гледа во нас за да не гледа во нив и да им бара одговори за лузерската политика.

Пред СДСМ да реагира и до Владата на САД и Германија зошто е Белата Куќа со ограда и зошто е Бундестагот со ограда, сакаме да ги информираме дека просторот пред Владата на Република Македонија ќе биде отворен и хортикултурно разубавен, а истовремено би сакале да ги потсетиме дека токму седиштето на СДСМ отсекогаш било оградено како бункер.

Доколку Петре Шилегов беше загрижен за како што вели узурпацијата на еден од поубавите јавни простори, требаше да се врати и да го исчисти ѓубрето кое го остави зад себе после узурпацијата на истиот простор уништен од активистите на СДСМ, а за чие чистење градот Скопје потроши еден милион денари.

Би сакале да му порачаме на господинот Шилегов дека единствената ограда која стои меѓу него и Владата на Република Македонија не е физичката, направена од ковано железо, туку онаа ограда меѓу СДСМ и народот на Република Македонија направена од тенеќе која ја поставуваат самите со својата очајна политичка понуда.