ВМРО-ДПМНЕ: Во време на СДСМ македонско стопанство беше разорено

Во време на СДСМ ниту постоеа активни мерки за вработување, ниту државна помош за малите фирми. Напротив, македонско стопанство беше разорено, се вели во соопштението што ВМРО-ДПМНЕ  го упати до јавноста.

Интегрален текст од соопштението:

СДСМ повторно очајно манипулира на тема на која покажа најслаби резултати како политичка партија во Владите кои ги предводеше.

СДСМ спроведе криминална приватизација, затвори 684 претпријатија и остави 200.000 луѓе на улица. СДСМ лажеше дека ќе вработи по еден човек од секое семејство. Не само што не вработи никого, туку невработеноста во нивно време достигна приближно 38%. Денес невработеноста е намалена на рекордно ниски 24,5%. Во време на СДСМ ниту постоеа активни мерки за вработување, ниту државна помош за малите фирми. Напротив, македонско стопанство беше разорено.

Со оперативните планови за услуги на пазарот на трудот и активни мерки за вработување од 2007 до денес над 40.000 луѓе засноваа работен однос. Само со проектот Македонија вработува за една година се постигнаа 19.000 врaботувања и им се помогна на повеќе од 10.140 компании да ги намалат трошоците.

Мерката грант со самовработување е една од најуспешните мерки кои се спроведуваат. Програмата „Самовработување“ се применува од 2007 година и од тогаш преку неа се отворени околу 7.800 мали компании кои почнале со еден вработен, а некои од нив се развиле во стабилни субјекти со 5 до 20 вработени. Една третина се бизниси започнати од жени, а една третина од млади луѓе до 29 години. 73% од над седумте илјади  бизниси формирани во изминатите девет години се уште функционираат, вработуваат луѓе и остваруваат приходи. 85% од вкупниот број апликанти  се се’ уште во работен однос.

За 2016 предвидена е поддршка на 920 новоотворени мали бизниси со мерката за самовработување, односно истите ќе добијат грант од 185.000 денари за набавка на опрема и/или репро материјали. Со процент на успешност од 70% на реализација на оваа мерка Македонија претставува лидер во Европа.

Ова се бројките и фактите кои СДСМ не ги прифаќа ниту познава, бидејќи СДСМ не е партија која овозможува вработување, туку партија која лаже и брка луѓе на улица.

Затоа СДСМ веќе 11 години е во опозиција, и таму и ќе остане. Граѓаните ќе го казнат СДСМ за деструкцијата и манипулациите тогаш кога СДСМ ќе собере храброст конечно да се појави на избори и да ја добие заслужената казна.