ВМРО-ДПМНЕ: Во животна опасност се уште 6 лица зошто новата влада молчи за смртоносната болест која се шири и од која починаа 2 лица

Алармантна и загрижувачка е ситуацијата во Гостивар и гостиварско. Повторувам, ситуацијата во Гостивар и гостиварско е алармантна и загрижувачка. За само 3 дена негрижата и неспособноста на министерот Таравари однесе два човечки животи на возраст од 47 и 23 години. Повторувам два човечки животи, а јавноста дозна дури денес, истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

„Зошто веќе неколку дена се молчи дека се шири смртоносна болест низ државата и зошто се молчеше дека починале две лица како резултат на истата, запрашаа од ВМРО-ДПМНЕ и додадоа дека според нивните информации, во животна опасност се уште 6 лица кои се во моментов на инфективната клиника.

„Неспособноста на Владата на Заев конечно излезе на виделина. Изминатиот период постојано укажувавме на неспособноста на Владата на Заев, но за жал дојде до најлошото. Неспособноста, непосветеноста и негрижата на Владата на Заев одземаа два човечки животи. Од засега наши познати извори се работи за сериозна заразна болест од вирусен причинител, што значи оваа болест премногу брзо се шири помеѓу луѓето и е смртно опасна. Исто така нашите сознанија велат дека изминативе неколку дена симптомите кај веќе починатите две лица биле третирани крајно несериозно и воопшто не биле преземено никакви мерки од страна на надлежните во здравството. Бидејќи се работи за вирусен причинител кој брзо се шири помеѓу луѓето, не биле преземени карантински мерки и веќе починатите воопшто не биле третирани во карантин. Па така постои сериозни индиции болеста да е раширена и помеѓу луѓето со кои биле во контакт, како и здравствениот персонал кој работи во гостиварската болница и на скопската клиника“
, рече Стојаноска.

Според нашите информации, додаде таа, причината за немањето дијагноза за причинител од која починаа две лица, а 6 се во животна опасност е тоа што нема реагенс во институтот за јавно здравје. За ова, директна одговорност носи министерот Таравари.

-Негрижата, неспособноста и одговорноста во овој случај припаѓа токму на министерот за здравство Таравари. Непосветеноста да се спречат нови смртни случаи денес ја видовме на дело, со тоа што стручните лица инфектолози дури денес излегле на терен, после неколку дена откако знаеле за заразените од вирусот. Ова е крајно непрофесионално и демонстрира неспособност од страна на министерството. Во овој момент не би сакале да предизвикаме паника кај граѓаните, но уште еднаш повторуваме дека се работи за сериозен вирус кој се шири во Гостивар и гостиварско и бараме веднаш стручните лица да не молчат и веднаш да се произнесат за каква болест се работи и да објават како би можеле граѓаните да се заштитат, потенцираше Стојаноски и додаде:

„Таравари наместо да правеше ПР стратегии и хаштази, требаше да се фати за работа и да не дозволи ширење на болеста. Наместо да одржуваше средби со амбасадори, требаше да биде помеѓу граѓаните и да се соочи со нивните реални проблеми. Најмалку што може да направи во моментов Таравари е да си поднесе оставка заедно со целиот тим. Ние ќе ја следиме ситуацијата, бидејќи се работи за здравјето на граѓаните и тие мораат да ја знаат вистината.“

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.