ВМРО-ДПМНЕ: Заев е добар извршител на желбата на странските центри

Прес конференцијата на Зоран Заев е само продолжување на сценариото за креирање на нестабилност во Македонија, за манипулирање со јавноста и за насилно преземање на власта. Зоран Заев е добар извршител на желбата на странските центри, без при тоа ниту еднаш да се запраша каква и колкава штета и нанесува на сопствената држава. Напротив, свесен е дека нанесува штета на Македонија и продолжува, се вели во соопштението што денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ го упати до јавноста.

„Нормално, во денешниот прес на Зоран Заев не слушнавме и веројатно од Заев никогаш нема да слушнеме за спрегата на Заев и СДСМ со опозициските новинари дебело финансирани од негов личен џеб и од страна на фондацијата Сорос, како и за групата невладини организации кои гравитираат околу опозицијата кои што во меѓусебна спрега организирано дејствуваат заради реализација на сопствените цели. Од Зоран Заев не слушнавме колку пари се трошат од СОРОС и од СДСМ за финансирање на нивните медиуми. Не слушнавме како тоа е возможно претседател на ЗНМ да стане директор на партиски прес центар на СДСМ. Не слушнавме за новинарите пратеници, не слушнавме за 37-те новинари кои со одработување за СДСМ заработија портпаролски функции, и не слушнавме за новинарите кои работат во партискиот штаб на СДСМ и си пласираат текстови во партиските портали кои глумат опозиционост и критичност. Не слушнавме за распределбата на пратенички мандати на новинари од опозицијата во замена за парични средства и минутажа во вестите на А1 или списанијата под контрола на Фондацијата на Сорос и опозицијата. Заев не сакаше да говори за бројните скандали кои се поврзуваат за медиумите блиски до опозицијата, за начините на финансирање на опозициските медиуми, за конструкциите кои ги правеа сиот изминат период и ги прават до ден денес, и за сите нивни шеми“, стои во соопштението.

Од владејачката партија велат дека граѓаните на Македонија ги читаат опозициските весници и медиуми, ги читаат и нападите кон власта, навредите што ги упатуваат, местенките, измислиците кои ги пласираат против нив, повиците на нивен линч, јавниот говор на омраза против нив, и така можат најдобро да оценат дали има слобода и дали нема слобода на говор во Македонија.

„Поделбата на наводно провладини новинари од едната страна и на наводни професионални новинари, кои ете така случајно, треба да веруваме дека ја поддржуваат опозицијата е една небулоза, замена на тезите, и е идентична со истата таква небулоза дека во суштина само додека е СДСМ на власт има демократија во државата. Оттука сакаат да ја пласираат нивната теза дека само СДСМ може да каже што е професионално, а што не е, што е демократија и слобода, а што не е, односно кој е подобен и добар, а кој не е“, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.