ВМРО-ДПМНЕ: Заев продолжува да одработува за странски центри

Интегрално соопштение:

Зоран Заев продолжува да одработува за странски центри презентирајќи креирани разговори. Тој очигледно има намера да помага за остварување на целите на странски центри, а на штета на граѓаните и за државата.

Зоран Заев и СДСМ се влезени во тешко сценарио од кое не може да излезат. Секојдневните лаги, контрадикторности и дневните промени на изјавите и на Зоран Заев и на луѓето околу него говорат дека нив ниту ги интересира вистината, ниту ги интересираат граѓаните. Нив ги интересира гола желба за власт, па макар таа да значела и одработка на шеми креирани од странски центри, за чии интереси подоцна ќе се очекува да ја вратат скапата услуга.

После признанието на еден од замешаните и осомничените во акцијата Пуч кој недвосмислено ја открива шемата на соработка помеѓу нив, но и со странски центри, на граѓаните им е совршено јасно што е крајната цел на Зоран Заев. Од таму доаѓа бесот и гневот во СДСМ. Уште на самиот почеток на нивниот план, се е јасно. СДСМ сака да предизвика дестабилизација, да го наруши меѓународниот углед на државата и да создаде конфликти во нашето општество.

До денес никој од СДСМ не одговори на прашањето што за возврат треба да направи СДСМ и Зоран Заев за услугите што нив им ги овозможиле странските центри.

Заканите кои Заев секојдневно ги упатува кон политичари, судии, новинари, јавни обвинители, бизнисмени и граѓани не му врват и не го плашат никого. Ова свесно манипулирање и делење папки е ништо друго освен обид за закана и уцена до секој еден граѓанин од нашето општество. Ако Заев мисли дека со уцени и закани ќе успее да добие поддршка од граѓаните, тогаш многу грешно си ги пресметал работите. Времето ќе покаже кој е во право и на кого граѓаните му даваат поддршка и му веруваат во врска со овие срамни конструкции и сценарија, кои опозицијата на чело со Заев ги одработува.