ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски покажа дека се плаши од својата лична одговорност

Андреј Жерновски разрешувајќи ја директорката на училиштето „11 Октомври“ денеска единствено што покажа е дека се плаши од својата лична одговорност за скандалот во Општина Центар, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод одлуката директорката Даниела Костадинова да биде разрешена.

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски покажа дека се плаши од својата лична одговорност
ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски покажа дека се плаши од својата лична одговорност

Во продолжение ви го пренесуваме целиот текст од реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ интегрално:

Градоначалникот на општина Центар сноси одговорност за случувањата во образовната установа бидејќи таа надлежност ја има со закон.

Градоначалникот на општина Центар треба да одговори дали инвестирал еден денар во подобрување на условите на ова училиште, или сите пари завршија под калдрмата на боемската улица.

Градоначалникот на општина Центар треба да знае дека постои вакво училиште во неговата општина, а не да се сети на него откако деца ќе имаат здравствени проблеми поради негрижата на главниот патрон на училиштата и директно одговорен за она што се случува во нив – општина Центар со која раководи Андреј Жерновски.

Андреј Жерновски треба да одговори дали отишол еднаш да го посети ООУ „11 Октомври“ кога нема камери пред кои ќе може политички да поентира врз невиниот грб на малите деца кои се стекнале со здравствени проблеми и да ги види условите во кои функционираат децата за кои мандаторно мора да се грижи.

Ако навистина сака лоцирање на вината, Андреј Жерновски треба да се разреши самиот себеси, пред на општина Центар да и’ се случат уште поголеми несреќи од оваа.

Тој не може себе си да се прогласува и за обвинител и за судија и за јавност. Жерновски заборавил дека е Градоначалник и дека вакви катастрофи се случуваат само во Општината во која тој раководи.