Во 11 сообраќајки во Скопје повредени 11 лица

Се случиле и две незгоди со последица тешка телесна повреда во кои со тешки телесни повреди се здобиле две лица, односно еден пешак и еден возач на мопед.

Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број на прекршоци.

Дваесет и три возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, 23 пешаци поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор, 22 возачи за време на управување со возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон и тројца возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај. Затекнати се и тројца возачи кои за време на управување на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл не носеле заштитен шлем.

Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 72 возила.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај ќе одржи сообраќајна поука со почеток во 19 часот во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи кои не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, непрописно се престроиле пред крстосница, како и возачи кои не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење.

Во делот на превентивните активности денеска ќе се одржат едукативни работилници со учениците од второ и четврто одделение во ОУ „Вера Јоциќ“, општина Гази Баба и ОУ „Лиман Каба“ населено место Љуботен, општина Бугел.

Од 9 до 15 часот на реката Треска, поточно кај кањонот Матка ќе се одржи Европски куп во кајак. Од овие причини се очекува поголема раздвиженост како на моторниот, така и на пешачкиот сообраќај. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, сообраќајната полиција ќе го зголеми нејзиното присуство на овој дел од градот.

Апелира до возачите кои имаат намера да присуствуваат на овој спортски натпревар да ги почитуваат наредбите што ќе бидат давани од страна на полициските службеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.