Во 2004 имаше 1, денес има 18 компјутерски томографи во цела Македонија

Сликата за здравствениот систем во Македонија од аспект на опременост, кадровски потенција, но и структурна организираност е темелно променета од периодот пред 2006, и потоа. Министерот за здравство Никола Тодоров во интервју за Прес24, вели дека за тоа колку е сменета сликата за здравствениот систем покажувa фактот дека околу 55% од опремата која во моментот се користи во јавните здравствени установи во државата е набавена во периодот од 2011 година досега.

-Всушност, најдобар показател се примерите од секојдневната практика. На пример, во 2004 година во државата имало само 1 апарат за компјутерска томографија (КТ), а денеска има вкупно 18 апарати за компјутерска томографија низ целата држава, вели Тодоров во интервјуто.

Министерот за здравство потенцира дека реформите во овој сектор се видливи во сите сфери, од намалување на цените на над 4.800 лекови, преку отворањето на аптеки во рурални средини, воведување на специјалистички услуги во помалите градови.

-Во здравството се реализираат инвестиции какви што досега немало во историјата на здравствениот систем во Македонија, како што е за првпат отворената Клиника за државна кардиохирургија, која работи со полн капацитет и одлично се развива, формираната мрежа за интервентна кардиологија со повеќе центри низ државата, за првпат воведените поливалентни вакцини. Отворивме околу 70 аптекарски станици и воведуваме Подвижни аптеки во населени места каде претходно жителите патуваа и по неколку часа до најблиската аптека, фактот дека ги намаливме цените на над 4.800 лекови, фактот дека со проектот Наш специјалист воведовме специјалистички услуги во помалите градови за кои досега жителите патувале и по стотина километри само за еден преглед, вели во интервјуто за Прес24, министерот за здравство.

nikola tododrov 1

Тој потенцира дека системот МојТермин е еден од темелите на оваа коренита реформа во здравствениот систем, а периодов министерството е фокусирано и на унапредување на работата и функционирањето на шалтерите во јавните здравствени установи

-Во мај 2016 година се дефинирани за 12% повеќе термини во споредба со истиот период лани, a во некои установи бројот на термини е зголемен и за 50% во споредба со минатата година, вели Тодоров.

Огромен успех има и проектот за едукација на лекарите во светските реномирани медицински центри. Досега над 2.200 здравствени работници се едуцирани во реномирани медицински центри и универзитетски клиники во повеќе земји во Европа, Сад, Кина, Јапонија, Австралија и многу други земји.

-Исто така, во делот на специјализации на кадарот, постојано работиме на зголемување на бројот на специјализации, така што годишно над 300 доктори се упатуват на специјализација во голем број медицински области. Ова е значително поголема бројка на специјализации, за разлика од пред десетина години, кога се доделувале околу 30 специјализации годишно, и тоа по сопствена желба на докторите. Тоа значи дека порано немало државна стратегија за упатување на специјализација, односно докторите се упатувале на специјализација по сопствена волја, вели министерот за здравство Тодоров.

Во последните 10 години во здравството според анализите на министерството биле инвестирани над 200 милиони евра. Нова опрема и инфраструктура како и инвестирање во кадарот. Дали со овие капитални проекти се промени сликата за македонскиот здравствен систем?

Тодоров: Сликата за здравството не се менува лесно. Особено ако позицијата од која поаѓаш не е добра.

Сликата за еден здравствен систем се менува со инвестирање во секој аспект кој гарантира квалитет на системот, а тоа е пред сè здравствената инфраструктура, новата најсовремена медицинска опрема и стручно доусовршување и надградба на кадарот.

Колку е сменета сликата за здравствениот систем покажувa фактот дека околу 55% од опремата која во моментот се користи во јавните здравствени установи во државата е набавена во периодот од 2011 година досега.

nikola tododrov 2

Всушност, најдобар показател се примерите од секојдневната практика. На пример, во 2004 година во државата имало само 1 апарат за компјутерска томографија (КТ), а денеска има вкупно 18 апарати за компјутерска томографија низ целата држава, од кои 3 апарати набавивме само во последната половина година, и тие веќе се користат на Универзитетската клиника за неврологија, Градската општа болница „8 Септември“ и поликлиниката Јане Сандански. Тоа значи дека пациентите многу побрзо и поблиску до местото на живеење ја добиваат оваа здравствена услуга, а порано кога имало само еден апарат и сите морале да патуваат до Скопје, тоа пациентите ги чинело многу повеќе пари и време. Но, што е поважно, некои пациенти тоа ги чинело тотално недостапна услуга, што директно негативно влијаело на квалитетот на дијагностиката, а со тоа и на можноста навремено да се даде потребната здравствена услуга. Понекогаш ова некои пациенти ги чинело и живот. Сурово, но за жал тоа беше реалноста за здравството во тоа време. Денес, со поголемиот број апарати се овозможува и отворање поголем број термини за снимање, па така на пример во случај на некој пациент да му е неопходно снимање на КТ, прв слободен термин кој може да се закаже е овој понеделник на Клиниката за радиологија, овој вторник во поликлиниката Јане Сандански, а во Клиниката за хируршки болести Св.Наум Охридски прв слободен термин за КТ е за 8 работни дена. Тоа значи поголема достапност на здравствените услуги, како бенефит за сите пациенти.

Неспорно е дека инвестициите во градби, опрема и кадар, ја подобруваат сликата за еден здравствен систем, но она што е најважно е крајниот бенефит кој го чувствуваат граѓаните, бидејќи тоа е она што ја гради индивидуалната перцепција за системот. Во тој сегмент сме особено посветени на унапредување на достапноста на здравствената заштита до секој еден граѓанин во државата, без оглед дали живее во урбана или рурална средина. Фактот дека отворивме околу 70 аптекарски станици и воведуваме Подвижни аптеки во населени места каде претходно жителите патуваа и по неколку часа до најблиската аптека, фактот дека ги намаливме цените на над 4.800 лекови, фактот дека со проектот Наш специјалист воведовме специјалистички услуги во помалите градови за кои досега жителите патувале и по стотина километри само за еден преглед говори дека сликата за здравствениот систем е сериозно променета на подобро.

Покрај тоа, во здравството се реализираат инвестиции какви што досега немало во историјата на здравствениот систем во Македонија, како што е за првпат отворената Клиника за државна кардиохирургија, која работи со полн капацитет и одлично се развива, формираната мрежа за интервентна кардиологија со повеќе центри низ државата, за првпат воведените поливалентни вакцини, континуираната соработка со врвни странски доктори кои ги обучуваат нашите доктори во повеќе различни области меѓу кои и Детската кардиохирургија, со цел децата на кои им е потребна ваква интервенција да добијат најквалитетен третман во сопствената држава наместо да се упатуваат во странство.

Секако една од главните реформи во здравството е имплементацијата на националниот систем МојТермин, кој прерасна во своевиден бренд во областа на здравството кај нас, но и во регионот и Европа, и кој одамна веќе не е само систем за закажување прегледи, туку е најголемата и најважна база на податоци кои се добиваат во реално време и кои претставуваат одлична основа за градење на здравствените политики.