Во 2013-та убиени 52 новинари ширум светот

Во текот на оваа година се убиени 52 новинари ширум светот, што е за една третина помалку од претходната година, иако се’ уште 30 се водат како исчезнати во војните во Сирија, а 211 новинари се наоѓаат во затворите ширум светот, соопшти Комитетот за заштита на новинари (ЦПЈ) со седиште во Њујорк.

Комитетот навел дека 21 новинар е убиен во Сирија, шест во Египет, пет во Пакистан, четири во Сомалија, три во Бразил и исто толку во Ирак, додека во Мали и Русија се убиени по двајца новинари.

Втора година по ред, Турција е најпозната во светот по бројот на „затворени“ новинари, потоа следат Иран и Кина, бидејќи во затворите во тие земји се наоѓаат повеќе од половина од вкупниот број на затворени новинари ширум светот.

Во Виетнам бројот на новинари зад решетки порасна од 14 во 2012-та на 18 оваа година, но како што се наведува во истражувањето, „вознемирувачки е растот на бројот на осуденици меѓу новинарите во земјите како што се Виетнам и Египет“.