Во 2014 измерени рекордно високи температури

Светската метеоролошка организација соопшти дека со температурите, измерени меѓу јануари и октомври на континентите и во океаните, 2014 година може да се покаже како најтопла година од 1880 досега.

Високите температури придонеле за големи поплави во повеќе земји, посочува организацијата на ОН.

– Ако тенденцијата се задржи и во ноември и декември, 2014 година веројатно ќе стане најтоплата година, регистрирана досега и ќе ги надмине 2010, 2005 и 1998 година, се наведува во оценките на организацијата за 2014 година, објавени денеска во Лима, каде се водат меѓународни преговори за климатските промени.

Светскиот фонд за природата во меѓувреме ги објави резултатите од истражувањето за тоа дека опстанокот на поларните мечки ќе биде доведен во прашање веќе кон крајот на овој век, ако не се намали емитувањето на штетните гасови кои ја загреваат климата во светот.

Климатските промени се закануваат на веќе критично загрозените екосистеми во Северниот Леден Океан, предизвикувајќи големо намалување на бројот на поларните мечки.

На поларните мечки им се заканува глад и неможност за размножување низ целиот Канадско-арктички архипелаг.