Во 2015 година над 40 милиони лица раселени од домовите поради војни

Во 2015 година имало 8,6 милиони нови внатрешно раселени лица како резултат на вооружени конфликти, од кои 4,8 милиони на Блискиот Исток и во Северна Африка, така што вкупниот број на внатрешните мигранти во светски рамки достигнала 40,8 милиони, се додава во документот.

– Тоа е најголемата бројка, регистрирана некогаш. Тоа е двојно поголема бројка од бројот на бегалците во светот, изјави Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци, во рамките на кој функционира Центарот за набљудување.

Во извештајот се додава дека оваа тенденција се забрзала по избувнувањето на Арапската пролет кон крајот на 2010 година и појавата на групацијата Исламска држава и се додава дека бројот на внатрешно раселените лица четврта година по ред бележи рекорд.

По Сирија, Јемен и Ирак, кои претставуваат над половина од внатрешните мигранти се Авганистан, Централноафриканската Република, Колумбија, Демократска Република Конго, Нигерија, Јужен Судан и Украина.

Извештајот посочува дека во 2015 година 19,2 милиони лица биле принудени да ги напуштат домовите како резултат на природни непогоди, при што првите места во оваа категорија ги заземаат Индија, Кина и Непал.

Земени заедно конфликтите и непогодите станале причина лани за појава на 27,8 милиони нови внатрешни бегалци.

– Таа бројка се споредува со бројот на населението на Њујорк, Лондон, Париз и Каиро. Поинаку кажано, во 2015 година околу 66 илјади лица дневно биле принудувани да ги напуштат домовите, додаде Егеланд.

Извештајот првпат оваа година содржи и бројка на раселени лица поради организиран криминал и насилство од страна на банди. Во декември 2015 година еден милион лица се сместени во оваа категорија и тие се жители на Салвадор, Гватемала, Хондурас и Мексико.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.