Македонија

Во 2017 година со помала невработеност

Во 2017 година со помала невработеност

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека активното население во земјава брои 949 илјади 944 луѓе, од кои 727 илјади 985 се вработени. Пресметките на Владата покажуваат дека во 2017 година ќе се отворат 11 илјади нови работни места, а вработеноста ќе се зголеми за 1,8 проценти.

„Невработеноста се намалува, а тоа предизвикува раст на платите, коишто во изминатите години се покачија за над 65%. Не радува што компаниите растат и се развиваат, со тоа се овозможува и подобар животен стандард за нивните вработени“ – вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Министерот за финансии Миноски вели дека и годинава главен генератор на нови работни места ќе бидат странските инвестиции и активните мерки насочени кон приватниот сектор.

„Со комбинирање на мерките за унапредување на деловното окружување, со поттикнување на инвестициите и со активните мерки на пазарот на труд се намалува стапката на невработеност“ – објаснува Миноски.

Активните мерки – стимул за приватниот сектор

Активните мерки за вработување и годинава ќе бидат стимул за приватниот сектор. Домашните фирми имаат низа поволности за проширување на бизнисот и за ангажирање дополнителна работна сила. Државата финансиски го стимулира самовработувањето, зголемувањето на конкурентноста и на иновативноста, ги поттикнува фирмите „газели“.

Паралелно се турка и вториот дел од проектот „Македонија вработува“. Фирмите што ќе отворат нови работни места се ослободуваат од плаќање персонален данок и социјални придонеси, а невработените преку проектот добиваат можност активно да се вклучат во пазарот на работна сила.

„Малите и средните компании имаат голема можност да продолжат на долг рок да вработуваат луѓе, но и на некој начин да ја обезбедат својата долгорочност или водење бизнис на подолг рок“ – објаснува Миле Бошков од Бизнис -конфедерацијата на Македонија.

„Македонија вработува 1“ креираше 18 и 500 работни места, властите се надеваат дека и со вториот дел ќе се постигне сличен резултат.

„Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка што влијае на активната политика на вработување со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност“ – вели универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Според пресметките, за едно отворено ново работно место преку проектот „Македонија вработува”, заштедата на компаниите изнесува околу 1.500 евра.

Фокус на привлекувањето странски инвестиции

Паралелно со поддршката за домашниот приватен сектор продолжува и политиката за привлекување нови странски инвестиции, во слободните економски зони и надвор од нив. Ова се покажа како правилен концепт, бидејќи СДИ имаат големо влијание врз намалувањето на стапката на невработеност во земјава, на пренесувањето нови знаења и технологии, на отворање дополнителна работа за домашните компании, што значи дека ефектите се повеќекратни.

„Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во земјава, односно трансферот на знаења и вештини. Компаниите од зоните го стимулираат развојот на локалната економија во поширока смисла, овозможија промена на структурата на извезуваните производи. Денес, за разлика од порано, имаме голема диверзификација на извозот и голема додадена вредност“ – вели првиот човек на зоните, Виктор Мизо.

Сепак, за привлекување нови странски инвестиции и за создавање поволна клима за домашниот приватен сектор е потребна политичка стабилност.

„На економијата и на сите нас ни е потребна политичка стабилност. Таквата политичка стабилност би гарантирала уште поголем број инвестиции, нови работни места и зголемување на стандардот во 2017 година. Јас лично и партијата што ја предводам ќе направиме сè што е во наша моќ да се обезбеди политичка стабилност, да заврши политичката криза и земјата да чекори напред“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Континуиран пад на невработеноста

Македонија од 2006 година бележи континуиран пад на невработеноста. Во изминативе десеттина години се отворени околу 168 илјади работни места.

Историски гледано, највисоки стапки на невработеност се регистрирани за време на владеењето на СДСМ и тоа 36,7% во 2003 година, 37,2% во 2004 година и 37,3% во 2005 година.

Стапката на вработеност во Македонија во моментов изнесува 43,4%, што значи дека се вработени 727 илјади 985 луѓе.
За споредба, бројот на вработени во време на СДСМ изнесувал 545 илјади 253 луѓе во 2005 година или 523 илјади во годината претходно, со стапки на вработеност од 37,9% и 36,8%.

ВМРО-ДПМНЕ во планот за следните четири години има зацртано дополнително намалување на невработеноста до ниво меѓу 17 и 18 проценти, односно отворање на 70 илјади нови работни места.