Во Аеродром возете со максимални 40 километри на час

На улиците во скопски Аеродром возете со максимална брзина од 40 километри на час. Како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, улиците низ скопската општина Аеродром се третираат со средството калциум магнезиум ацетат. Брзината на движење на овие улици е ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот.

kma-aerodrom-4

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи денес извршија увид во третирањето на булеварот „Трета македонска бригада“.

Градот Скопје од вчера започна со третирање на улиците и булеварите на територијата на Општина Аеродром со средството калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух. Со овој процес ќе бидат опфатени булеварот “Трета македонска бригада” (од крстосницата со улицата “Коста Новаковиќ” до раскрсницата со булеварот “Србија”) и булеварот “Србија” (од крстосницата со булеварот “12.Македонска бригада” до крстосницата со булеварите “Видое Смилевски Бато” и “Јане Сандански”), а третирањето ќе се врши два пати дневно. Анализите од досегашното прскање укажуваат дека ова средство има ефект на намалување на загадувањето и ние ќе продолжиме со третирањето на градските улици и булевари. Паралелно со оваа мерка, инспекциските служби на Градот Скопје  во соработка со инспекциите на општините во Скопје се на терен и вршат контрола на градилиштата и на фирмите дали истите работат во согласност со поставените еколошки стандарди, изјави Трајановски.

Градоначалникот Коневски изјави дека службите на Општина Аеродром ги превземаат сите мерки кои се во нивна надлежност за намалување на загаденоста и дека инспекциските служби на Општината се во постојана комуникација и координација со инспекциските служби на Град Скопје и истите се на терен.

kma-aerodrom-1

Средството калциум магнезиум ацетат се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период.

Важно е да се нагласи дека брзината на улиците каде што ќе се аплицира средството калциум магнезиум ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците е веќе поставена и соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има подготвено сообраќаен проект.

При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето.

Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство  укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.