Во американски воздушен напад во Кабул „повеќе жртви“

Во американски воздушен напад во авганистанската престолнина Кабул, како одговор на талибанскиот напад врз меѓународниот аеродром во текот на посетата на шефот на Пентагон, Џим Матис, неколку лица настрадале, објави во средата НАТО без да прецизира дали станува збор за ранети или загинати.

„За жал неисправен проектил предизвика повеќе цивилни жртви“, известија челниците на операцијата Решителна поддршка во соопштението.

Според авганистанската новинска агенција Pajhwok, која се повикува на министерството за внатрешни работи, во американското ракетирање загинало едно лице, а уште четири биле ранети.

Талибанските бунтовници истрелаа меѓу 20 и 30 ракети и минофрлачки гранати врз аеродромот во Кабул и врз соседната резиденцијална населба неколку часа по доаѓањето на американскиот министер за одбрана, Џим Матис.

Американските сили дале поддршка на авганистанските безбедносни сили за брзо дејствување и извеле воздушен напад, појаснија од НАТО кој изразува „најдлабоко жалење“ и додава дека трае истрагата за изведување на операцијата и неисправната муниција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.