Во Атина ослободени 34 мигранти заложници

Грчката полиција откри и ослободи 34 мигранти од Авганистан, меѓу кои пет жени и 12 деца, кои биле држани во заложништво од други Авганистанци во стан во реонот на атинскиот плоштад Викторија.

Полицијата приведе 34-годишен Авганистанец, член на криминална група, кој им го олеснува престојот на мигрантите во Грција и излегувањето од земјата.

Полицијата за заложниците била информирана од Авганистанци кои пристигнале во Атина од островот Лезбос.

Приведениот Авганистанец ги наоѓал мигрантите на плоштадот Викторија и им ветувал дека лесно ќе ја напуштат Грција со фалсификувани документи. Но, тој ги носел во неговиот стан и физички ги малтретирал и им барал пари за престојот.

Кај приведениот биле најдени пари, мобилни телефони, резервации за авионски и автобуски билети, документи за добивање на азил од германски власти и друго.