Во Атина со официјална церемонија Грција ќе го преземе претседавањето во ЕУ

Грчкото претседателство во Европската унија во првата половина на 2014 година ќе започне со заедничка седница на членовите на Еврокомисијата и членовите на грчката Влада во атинската палата на конгресите „Запион“, пренесе „ИТАР-ТАСС“.

На седницата ќе учествуваат шефот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј, претседателот на Еврокомисијата, Жозе Мануел Баросо и други членови на повисоките органи на извршната власт во ЕУ. Потоа ќе следи работен ручек и седници на работни групи со учество на министри и еврокомесари.

Премиерот Андонис Самарас ќе се сретне со Баросо и Ромпуј. Вечерта во атинската Палатата на музиката со учество на грчкиот претседател Каролос Папуљас, ќе се одржи официјалната церемонија за почетокот на грчкото претседателство во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.