ОН: Во Авганистан гинат се повеќе деца

Мисијата на Обединетите нации во Авганистан (УНАМА) соопшти дека во првите девет месеци од годината бројот на убиени и ранети деца во борбите во оваа земја е зголемен за 15 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Во извештајот на мисијата, пренесен од американските медиуми, се наведува дека годинава во Авганистан се убиени 639 деца, додека 1.822 се ранети.

Тоа претставува зголемување за 15 отсто во однос на периодот од јануари до септември минатата година.

УНАМА истакнува дека е длабоко загрижена за ситуацијата, бидејќи од 2013 година има постојано зголемување на жртвите меѓу децата.

УНАМА, инаку, во првите девет месеци регистрирала 2.562 жртви меѓу цивилите, како и 5.835 ранети во борбите во Авганистан.

Тоа е за еден процент помалку во однос на истиот период од минатата година.