Во Белгија приведени 15 осомничени терористи

Вкупно 15 лица осомничени за тероризам се лишени од слобода во рамки на 12 спроведени истраги, соопшти заменик-федералниот обвинител на Белгија, Тим Ветс на денешната прес-конференција во Брисел, по синоќешната операција на белгиската полиција против терористички ќелии во земјата, при што беа убиени двајца терористи кои отвориле оган врз полицајците.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ветс нагалси дека терористите имале „конкретни планови да убијат полицајци на улица и да нападнат полициските станици”. Засега, Обвинителството негира каква било врска на белгиските терористи со минатонеделните напади во Франција, во кои загинаа 17 лица.

Федералниот обвинител не сакаше да открива многу детали за случајот, посочувајќи дека истрагата е во тек. Единствено потврди дека две истраги биле спроведени во Вервие, шест во бриселските населби Моленбек и Андерлехт, една во Брисел и по една во градовите Сент-Агата-Берчем и во Лидекерке.

Меѓу уапсените во Белгија, е и еден од тројцата терористи кои се пресметуваа со полицијата во Вервие. Деветмина се уапсени во Моленбек и во Брисел и еден во Берчем, додека две лица се приведени во Франција и за нив ќе биде побарана екстрадиција.

Според белгискиот обвинител, во пребарувањата во Вервие се пронајдени неколку оружја, од кои четири пушки од типот АК-47 (Калашников), муниција и експлозиви. Полицијата, исто така, пронашла и полициски униформи и комуникациска опрема (мобилни телефони, воки-токи радија и сл.), како и лажни документи и значителна сума пари.

Во Моленбек, исто така, е пронајдено огнено оружје и муниција, мобилни телефони и важни информации за понатамошна истрага.

– Целта на оваа операција беше разбивање на терористичка ќелија и логистичка мрежа, истакна Ерик ван дер Зејпт, портпарол на холандското сојузно обвинителство, додавајќи дека целта на уапсените и ликвидираните била „да извршат терористички напади со посебна цел да убиваат полицајци на улици и во различни полициски станици“.

Белгиското обвинителство не даде податоци за идентитетот на осомничените и нивните можни врски со Сирија, со оглед на тоа што двајцата убиени во синоќешната операција биле странски борци во групата Исламска држава (ИД) во Сирија и Ирак. Исто така, потврдено е дека едно лице е рането во местото Англер и уште едно е уапсено во Завентем, но дека овие настани немаат врска со терористичките ќелии што синоќа беа разбиени од страна на белгиската полиција.

Исто така, не е познато дали сите оние кои се опфатени со ова истрага се и уапсени. Според заменик-обвинителот Ветс, мора да се чека да заврши целата истрага за да може да се каже дали целосно се запрени намерите на терористичките групи да убиваат полицајци во Белгија.