Во БиХ се наоѓа најголемиот регрутен центар на Исламска држава во Европа

„БиХ е едно од најголемите места за регрутирање борци за Исламска држава во Европа. Експертите сметаат дека во борбите во Сирија и Ирак заминале најмалку илјада луѓе од Балканот. Тука треба да се додадат и Босанците со германско, австриско или српско државјанство“, истакнува Тагесшпигел.

Репортерите на германскиот весник на влезот на Горња Маоча виделе голем број знамиња на Исламска држава, кои жителите ги отстраниле кога сфатиле дека на гости им дошле новинари. Тие напишале дека селото е центар за врбување нови сили, а на почетокот на февруари специјалците извршиле рации бидејќи се смета дека во близина има терористички кампови, пренесува Индекс.

Весникот пишува дека по војната во БиХ биле формирани голем број исламистички енклави, меѓу другото и поради тоа што голем број џихадисти останале во земјата, и дека голем број муџахедини со себе го донеле борбеното искуство од Авганистан.

„Таму имаше припадници на Ал каеда, кои во БиХ ги испратил Осама Бин Ладен. Во август 1993 ја основале заедницата Ел муџахедин. Наводно на противниците им ги сечеле главите и со нив играле фудбал. Исламистичките мрежи од војната во БиХ се и понатаму активни“, тврди германскиот весник.

Текстот завршува со мапата на лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал Багдади според кој „целиот Балкан до Виена треба да стане дел од калифатот кој лани терористичката банда го прогласи на заземените територии во Ирак и Сирија“.