Во борба против окупаторите на Македонија!

Во суштина тие се главните виновници Македонскиот народ да не даде цврст отпор досега на окупаторите како во 1941-1944 година. Затоа што гласаше за една или друга партиска опција, а беше изневерен од политичарите. Македонскиот народ беше измамен со наметната референца наместо уставното име, со капитуланскиот Договор од Охрид (2001) како резултат од намерно изгубената војна со косовските терористи. Беше изневерен со законот за територијална поделба во 2004 година, која ја даде цела Западна Македонија под управа на некогашните албански фашисти (балисти). Беше изневерен и со Договорот од Пржино во минатата година кој го суспендира парламентарното гласање и го отвори нашироко патот кон уништување на останатиот мал дел од македонската државност.

Веќе не еднаш пишував дека Македонија несамо што не è самостојна и независна држава, како што беше прогласена на 8 септември 1991 година, туку, веќе не е и’ протекторат, туку е само колонија. Затоа што протекторатот има барем внатрешна автономна политика, а ние го немаме ниту тоа. Уставот ни го менуваат странци, законите ни ги пишуваат странци, судството ни го средуваат странци, медиумската регулатива е наметната од странци, изборите и Државната изборна комисија се создадени по упатство од странци. Сега сакаат да го менуваат и датумот на избори кој тие го определија. Улогата на нашите политичари е само да викаат: „Јес’р“, а пратениците во Собранието да гласаат што ќе им се даде, како роботи.

Таков живот каков ни е наметнат однадвор, таква тортура и таков геноцид не е човечки живот. Уште помалку за народ како македонскиот. И животните кога се одвоени од природниот живот и ставени во кафез се борат за својата слобода. Ете зашто, ако имаме слободарски карактер и храброст колку животните, мора да се бориме со сите свои сили:

  1. Да бараме од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да поведе отворена борба против надворешните окупатори и домашните квинлинзи. Прв чекор за тоа е распуштање на Собранието и организирање на парламентарни избори на 24 април. Истовремено: наредба до ДИК да ја заврши работата за која нејзините членови добиваат плата од нашите даноци.
  2. Владата цврсто да одбие секакви идни обиди за притисоци од надвор и од внатре во времето на организирање на изборите и нивното спроведување. Обиди за организирани терористички напади да бидат жестоко спречувани, а странските амбасадори – предупредени да не се мешаат во внатрешните работи на Македонската држава.
  3. Како набљудувачи на идните избори да не бидат допуштени наметнати од САД, ЕУ, ОБСЕ и Сорос организации и лица.
  4. Во своите кандидатски листи за пратеници владејачката партија да стави вистински македонски патриоти, а не анонимни безрбетници кои ги интересира само сопствената егзистенција.

Идните денови и месеци ќе бидат тест за ВМРО-ДПМНЕ дали има потенцијал, спремност и храброст да се бори против окупаторите „со крвава муцка“ (како пишуваше Вапцаров). Ќе бидат тест дали во сегашниот вид има нешто од духот на Гоцевата македонска револуционерна организација, дали има покритие меѓу зборовите на нејзините лидери и нивната спремност за саможртва. Ќе бидат доказ дали владејачката партија може да се трансформира (како во антифашистичката борба Македонската комунистичка партија) во семакедонска национална партија со главна цел – зачувување на македонската држава и македонското име/идентитет.

Денешната окупација на Македонија покажува дека не станува збор за меѓупартиски судир или пак за лидерски пресметки. Прашањето е дали ќе имаме или ќе немаме држава, дали ќе не биде како македонски народ или ќе бидеме уништени. Затоа, идните денови и месеци се тест и за Македонскиот народ, за македонските патриоти, за сите кои си ја сакаат Татковината да докажеме дека можеме и ќе си ја вратиме државата. Дека не сме земја само на мртви, туку на живи херои. Дека пред мртвите и пред живите македонски титани, фаци како Бејли, Орав, Хан, Гарет, психопатот Ван Хут итн. се само секојдневни паразити, отпадници од човечката раса.

Затоа деновиве мораат да станат почеток на борба на живот и смрт за нашата македонска чест, достоинство, слобода и држава. Да не веруваме и да не прифаќаме на доверба ниту збор од странските душегрижници на Македонија и на терористи како Ахмети. Да веруваме само во себе, во својата сила и храброст, во физичкиот и интелектуален потенцијал кој го носиме. Да не изневериме стотините македонски генерации пред нас. Да обезбедиме слободна иднина за генерациите по нас.

Затоа, сите во борба!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.