Во Црна Гора запленети 20 а не 2 тони хашиш

Во заедничка операција на црногорската полиција и Американската агенција за борба против дрогите (DEA) минатата седмица се запленети 20 тони хашиш, чијашто вредност на илегалниот пазар изнесува 65 милиони евра, соопшти во средата високиот функционер на полицијата во Подгорица, Енис Баковиќ.

Баковиќ појаснил дека станува збор за 20 тони, а не за две тони хашиш, како што беше соопштено претходно, бидејќи тогаш тоа биле прелиминардни податоци,

Појасни дека на 2-ри август во водите на Италија е запрен бродот „Ремус“, кој пловел под знамето на Панама, поради сомневање дека криумчарел хашиш, а чијшто екипаж го сочинувале 11 црногорски државјани.

„По деталниот претрес на бродот, принајдени се и запленети 20 тони хашиш, чијашто вредност на илегалниот пазар изнесува 65 милиони евра“, изјавил Баковиќ за новинарите.

Бродот „Ремус“ испловил од малото црногорско пристаниште Зеленика кај Херцег Нови, и се упатил кон Мароко, каде што, како што претпоставуваат властите, ја натоварил дрогата. На враќање црногорската полиција, во соработка со американската агенција DEA, го следела бродот, а кога им се придружила италијалнската полиција, бродот со 20 тони хашиш бил запрен во меѓународните води.

Уапсени се единаесет црногорски државјани, а полицијата смета дека станува збор за припадници на една од криминалните групи во Котор.

На истата прес-конференција Баковиќ рекол дека станува збор за најголема заплена на хашиш во регионот. Покрај тоа, истакнал дека од почетокот на годинава во Црна Гора се спречени повеќе од 20 убиства, додека само во последните десетина дена биле спречени повеќе од пет ликвидации.