Во декември поделени 150 решенија за легализација во Ѓорче Петров

Од почетокот на важење на Законот за легализирање на дивоградби, во општината Ѓорче Петров се поднесени 11.300 барања за легализација, а заклучно со тековниов месец доделени се над 4.000 решенија за легализација. Во декември оваа година градоначалникот на општината Ѓорче Петров Сокол Митровски врачил 150 решенија.

– Само во изминативе три месеци се поделени вкупно 406 решенија. Во завршна фаза се околу 3.500 решенија, а за нивно решавање се чека на целосна достава на потребните документи од страна на граѓаните. Во секторот за урбанизам се работи со полна пареа. Подготвени се и чекаат на доставување на потребната документација уште 3.870 предмети. Сите поднесители на барања се навремено известени да ги донесат заостанатите документи, информираат од општина Ѓорче Петров.

Од општината апелираат до сите граѓани чии барања не се комплетни со целосна документација во најкраток рок да ги достават документите за да може навремено да се завршат сите процедури кои се задолжителни во спроведување на процесот.