Во Дојран ќе се градат два нови хотелски комплекси

Два нови хотелски комплекси ќе се градат на дојранското крајбрежје. Локациите веќе се купени, а изградбата на новите модерни хотели треба да започне на есен.

Според најавите новите хотелски комплески покрај сместувачките капацитети ќе понудат и голем број новини кои му недостасуваат на Дојран. Во едниот од нив планирана е изградба и на спа центар, содржина која досега ја немаше во овој туристички центар.

– Двете локации кои беа сопственост на општина Дојран продадени се на два инвеститори, познати македонски брендови во делот на угостителството. Се работи за хотели со капацитет за некаде од околу 100 легла што за Дојран претставува сосема доволно или голема бројка на сместувачки капацитети. Она што ни е нам важно и значајно е тоа што успеавме да се заврши процесот до крај. Следува проектирањето на самите хотели, издавањето на одобренијата за градба и почеток на градењето некаде по завршувањето на летната сезона во септември. Како што има најави од инвеститорите во едниот хотел ќе има и спа центар со што за прв пат во Дојран ќе се понуди и една нова содржина. Со ова на некој начин се заокружува нашата работа и сето она што во изминатите две години го правиме конечно вродува со плод, вели градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов.

Локациите кои веќе се продадени не се единствените на кои се планирани нови сместувачки капацитети. Од локалната самоуправа велат дека тие располагаат со уште неколку локации за кои имало интерес. Покрај домашни интерес пројавиле и повеќе странски инвеститори. Голема странска компанија со која подолго време се воделе интензивни преговори била заиинтересирана да инвестира во туристичко развојните зони.

Во моментов Дојран располага со шест функционални хотели и 250 приватни сместувачки капацитети со 6000 легла, бројка која во последните години се покажа како недоволна за големиот број туристи заинтересирани да летуваат во овој туристички центар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.