Во Дојран ќе се гради првиот парк за скијање на вода во Македонија

Минатата година Дојран доби две нови плажи и мал спортски комплекс, а годинава туристичките содржини ќе бидат збогатени со изградбата на првиот cable-wake парк во Македонија и завршување на започнатата рекреативна патека помеѓу Нов и Стар Дојран. Освен очекуваните инвестиции во туризмот, после подолго време, оваа година во Дојран се најавени инвестиции и во индустријата што ќе донесат нови вработувања.  За ова денеска на прес конференција говореше градоначалникот на општината Борче Стамов.

Стамов нагласи дека 2014 – та година за Дојран била една од најдинамичните години од основањето на општината досега. Освен тоа што се врати на мапата на туристички дестинации, во 2014 – тата ќе се одбележи највисоката сума на вложени средства во инфраструктурни проекти или вкупно 93 милиони денари, што претставува 2,5 пати повеќе од основниот буџет на општината.

Тој најави дека и годинава ќе следат крупни инвестиции во инфраструктурни проекти, за што  надвор од основниот буџет, обезбедени се околу 93 милиони денари за повеќе крупни проекти.

Стамов накратко се осврна на инвестициите и модернизацијата кои што се прават речиси во сите сфери на живеењето.

Основањето на нова институција, детската градинка „Кокиче“, целосната реконструкција на пречистителната станица за отпадни води, проектот за градење на шахти за мерно регулациона опрема на водоводот, се дел од проектите што тој ги напомена.

– Од сферата на туризам, 2014 година беше одбележена со проектот за подобрување на крајбрежјето со градење на две плажи и мал спортски комплекс, а оваа година ќе продолжиме со проект за збогатување на туристичките содржини преку градењето на првиот cable-wake парк во Македонија и завршување на започнатата рекреативна патека помеѓу Нов и Стар Дојран, посочи градоначалникот.

Во сферата на комунални работи, Стамов најави дека до крајот на февруари треба да пристигнат две нови возила за собирање на отпад и багер, а преку проект за модернизација, мониторинг, одржување и намалување на потрошувачката на електрична енергија ќе се подобри уличното осветлување на територијата на целата општина.

– Еден од најважните проекти во наредниот период ќе биде основање на индустриската зона – Дојран, чиј план е донесен и во март ќе започнеме со продажба на парцелите за градба. Паралелно со продажбата, ќе почнеме и со нејзино уредување, трасирање на улиците водоводот и канализацијата, за што во тек е изработка на проект. Интерес за инвестирање постои и веруваме дека со олеснувањата кои ќе бидат понудени, доколку објектот биде изграден за една година, ќе се забрза отварањето на првиот погон во зоната, рече тој.

Рече дека сите овие индикации, покажуваат дека пред  Дојран претстои една светла иднина и изрази уверување оти инвестирањата во инфраструктурата, осовременувањето и модернизацијата на Дојран ќе биде следена и од приватниот сектор со свои поголеми инвестиции.

Нагласи дека освен очекуваните инвестиции во туризмот, после подолго време, оваа година во Дојран се најавени инвестиции и во индустријата што ќе донесат нови вработувања.

фото: lider.mk