Во Доњецк протести против претседателските избори

Неколку илјади луѓе во градот Доњецк, во источна Украина, демонстрираат против претседателските избори кои денеска се одржуваат во Украина, пишува „Дојче Веле“.

Покрај демонстрациите, стотици проруски активисти вмарширале во резиденцијата на олигархот Ринат Ахметов. Тој потекнува од Доњецк и е најверојатно најбогатиот претприемач во Украина.
Во источниот дел на Украина проруските сили запоседнаа повеќе административни згради. На многу места владее страв, тврдат очевидци. Во големи делови од регионите во овој дел на земјата речиси нема можности за гласање. Во регионите Доњецк и Луганск живеат околу 6,5 милиони луѓе.

Инаку, во останатите делови на Украина интересот за претседателските избори, на кои право на глас имаат 35 милиони граѓани, е огромен. Во Киев, Л‘вов, Харков и Одеса голем број гласачи се туркаа да го дадат својот глас веќе непосредно по отворањето на избирачките места.

Витали Кличко по гласањето во Киев – тој важи за фаворит на изборите за градоначалник кои се одржуваат паралелно со претседателските.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд рекол оти ќе го „почитува резултатот од изборите“, соопшти Елисејската палата.