Во ЕП одложено гласањето за Резолуцијата за Македонија

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, т.н. АФЕТ-група, го одложи гласањето за Резолуцијата за Република Македонија, која според предлогот на известувачот Иво Вајгл треба да содржи седма последователна препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите на македонската држава со Европската унија.

Како што јавува МИА, најновиот развој на политичките настани во Македонија, поради што денеска токму Вајгл со своите колеги Едвард Кукан и Ричард Ховит е во Скопје на преговори со претставници на политичките партии, придонесе наместо денеска, АФЕТ-групата да гласа за македонската Резолуција во Европарламентот на 29-ти овој месец.

Според информациите од ЕП, европратениците очекуваат како ќе се развијат настаните во однос на очекуваните предвремени парламентарни избори во Македонија, односно дали истите ќе бидат според договорот од Пржино на 24 април или подоцна, за да може и овој дел да влезе во Резолуцијата што се однесува на прогрес-извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите.

И покрај ова одложување од шест дена на гласање на Резолуциајта за Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, усвојување на истата на пленарна седница на законодавниот дом на ЕУ останува според закажаното, а тоа е 9 март оваа година во Стразбур.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.