Во Ерусалим почна погребната церемонија за Шимон Перес (ВИДЕО)

Во Ерусалим почна погребната церемонија за поранешниот претседател Шимон Перес, јави Си-Ен-Ен.

Војници од почесната стража го изнесоа ковчегот од зградата на Парламентот и го следеа ожалостеното семејство до автомобилите. Гардата ја рецитираше „Кадиш“, еврејската молитва за починатите.

Ковчегот беше транспортиран до националните гробишта на ридот Херцел, каде Перес ќе биде погребан до другите покојни лидери и истакнати израелски личности.

Семејството на Перес соопшти дека на погребната церемонија се очекува да присуствуваат 3.000 лица.

На погребот на Перес пристигнаа американскиот претседател Барак Обама, палестинскиот лидер Махмуд Абас, претседателите на Франција и Германија, Франсоа Оланд и Јоаким Гаук, како и многу други државници од светот. Исто така присуствува премиерот на канада Џастин Трудо, претседателот на Мексико Енрике Пења Нието, принцот Чарлс, поранешниот британски премиер Тони Блер, и шпанскиот крал Фелипе Шести. на погребот беше најавено присуство и на лидерите на Австралија, Чешка, Германија, Италија, Полска и Шведска, како и претседателите на Бугарија, Србија и Хрватска Росен Плевнелиев, Томислав Николиќ и Колинда Грабар Китаровиќ.

Израелското Министерството за надворешни работи соопшти дека 20 претседатели и 15 шефови на дипломатии најавиле дека ќе присуствуваат на погребната церемонија на Перес, кој во 1994 година ја доби Нобеловата награда за мир, заедно со покојниот палестински лидер Јасер Арафат.

На погребот, кој како што го оцени Си-Ен-Ен е делумно погреб, но делумно мировна конференција, на исто место се најдоа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас, нешто што не му успеало на ниту еден медијатор во последните години. Пред почетокот на церемонијата на ридот Херцел, израелскиот Нетанјаху се ракуваше со палестинскиот претседател Махмуд Абас, соопшти ТАСС.