Во Европа ќе пристигнат 1,4 милиони бегалци

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) смета дека во текот на оваа и следната година преку Средоземното Море во Европа ќе пристигнат околу 1,4 милиони бегалци.

Тоа е значително поголем број од претходно предвидените 850.000 бегалци.

УНХЦР своите планови ги темели врз очекуваните 700.000 луѓе, кои оваа година ќе побараат безбедност и меѓународна заштита во Европа. Можно е да има и поголем број бегалци во 2016 година, се наведува во документот.

САД досега имаат примено само 1.500 бегалци

Во изминатите четири години, од избувнувањето на конфликтот во Сирија, во САД се примени само 1500 бегалци од оваа блискоисточна земја, пишуваат американските медиуми.

По ескалацијата на бегалската криза во ЕУ, предизвикана од напливот бегалци и мигранти од земјите на Блискиот Исток и Азија на европскиот континент, а најмногу од нив Сиријци, американаката администрација соопшти дека идната година ќе преземе десет илјади бегалци од Сирија.

Дел од американската јавност, а посебно во редовите на Демократската партија, се покрена кампања за прифаќање на многу повеќе Сиријци.

Поранешниот државен секретар на САД, а сега претендент за номинација за претседателските избори, во ноември 2016 година, Хилари Клинтон се заложи наместо десет, да се примат 65 илјади бегалци кои бегаат од сирискиот конфликт.

Актуелниот државен секретар Џон Кери исто така смета дека може да се примат повеќе бегалци, сугерирајќи идната година да се прифатат до 85 илјади, а наредната 2017 година и до сто илјади бегалци од Сирија.

Републиканците во САД, продолжуваат со острите критики кон администрацијата на претседателот Барак Обама, околу „неснаоѓањето и погрешното управување„ со сириската криза и конфликтот што трае повеќе од четори години, но не заговараат вклучување во САД во разрешувањето на бегалската криза која ги потресува ЕУ и земјите кои се во нејзиното соседство.

Околу темата со бегалците и имиграцијата, засега, единствено зборува милијаредрот Доналд Трамп кој и понатаму води на листата на претендентите од Републиканската партија за номинација за изборите.Трамп кој имигрантската политика во САД ја стави како водечка тема во својата предизборна кампања, претходно побара од претседателот Обама да им се помогне на бегалците, обвинувајќи ја администрацијата во Вашингтот што не прави ништо за „луѓето кои страдаат“.

Во својата последна изјава тој го смени првичното мислење и сега тврди дека доколку стане претседател на САД, сите Сиријци ќе ги врати дома.

Трамп предупредува дека предлозите да се примат и до сто илјади Сиријци, се претерани и дека тоа не смее да се случи, пренесува МИА.