Во Франција 100.000 домаќинства останаа без струја

Речиси 100.000 домаќинства во западна Франција останаа без електрична енергија поради невреме со поројни дождови, пренесе „Франс прес“.

Брзината на ветровите по крајбрежјето на западната област Бретања достигнува 150 километри на час. Можно е од ударите на бурата да биде погоден и главниот град Париз, прогнозираат синоптичарите.

Во шест департмани во западна Франција е прогласена „портокалова“ тревога , еден степен под максималниот . Жителите на Бретања се загрозени и од прелевањето на реките.

Метеоролозите истакнуваат дека Франција е изложена на бури и поројни дождови веќе повеќе од два месеци. Рибарите во голем број пристаништа на Бретања трпат тешки загуби поради неможноста бродовите да им излезат на отворено море.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.