Во Германија зголемен бројот на доселеници од Хрватска

Германија регистрира најголема стапка на доселување во изминатите 22 години, а вселувањето на хрватски државјани речиси е двојно повисоко по влезот на државата во Европската унија, се вели во податоци на Миграцискиот извештај на германската Влада претставен денеска во Берлин, објави МИА.

Информации за квалификациите на доселените граѓани од Хрватска не се објавени, но е забележлив висок процент на доселеници од машки пол – 72,4 отсто.

За Хрватите до 30 јуни оваа година се уште важат ограничувањата при доселување, јавуваат хрватски медиуми, додавајќи дека за да се биде во работен однос во Германија на Хрватите се уште им е потребна работна дозвола.

Но тие ограничувања содржат многу исклучоци, па така лица со академско образование, сезонските работници до шест месеци и приправници може да бидат во работен однос без работна дозвола, со тоа што мора да работат на работно место што одговара на нивното образование.

Германија досега не одлучила дали тие мерки за граѓаните на Хрватска ќе ги продолжи.