Во Гевгелија на продажба 22 градежни парцели за домување

Општина Гевгелија денеска ја објави продажбата на 22 градежни парцели за домување кои се наоѓаат во три станбени зони во Гевгелија, информираа од Одделението за урбанизам.

Дваесет од објавените парцели ќе се продаваат со почетна цена од 61 денар за метар квадратен, а две кои имаат површина поголема од 1.800 квадрати и се наоѓаат во танбената населба кај Моински пат ќе се продаваат по цена од 2.090 денари за квадрат. Во истата оваа населба за продажба се објавени уште шест парцели со површина од 397 до 468 метри квадратни.

Во новата станбена населба „Мрзенски рид“ ќе се продаваат шест градежни парцели за резиденцијални објекти чии што површини се движат од 773 до 1.280 метри квадратни, а во станбената населба „Караорман“ за која исто така постои голем интерес на продажба се нудат осум градежни парцели со површина од 238 до 738 метри квадратни.

Електронското јавно наддавање за градежните парцели за домување ќе се одржи на 21 и 22 април, а за двете по површина најголеми градежни парцели кај „Моински пат“ наддавањето е закажано за 5 мај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.