Во Гевгелија наврнаа 23 литри дожд, на Маврови Анови 43 сантиметри снег

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во изминатите 24 часа регистрира најмногу дожд на територијата на Гевгелија каде се наврнати 23 литри дожд на метар квадратен. Во Дојран наврнаа 13 литри на метар квадратен, 12 во Крушево, 10 во Битола, 9 во Штип,  по 7 во Крива Паланка и  Маврово, по 6 во Берово, Струмица, Виница и Пожаране,…

Највисока снежна покривка од 43 сантиметри има на Маврови Анови.

Во седум часот изутрината минималните температури  во цела држава се над нулата.

УХМР за денеска најавува облачно време со повремени врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Максималната температурата ќе биде во интервал од 9 до 13 степени.

Во Скопје претежно облачно со врнежи од дожд со променлив интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Максималната температура ќе достигне до 12 степени.

Облачното време со врнежи од дожд ќе продолжи и утре. Од пладне врнежите ќе престануваат. Вкупните количества на воден талог во западните и југоисточните делови од земјата ќе надминуваат и 30 литри на метар квадратен. Во недела времето ќе биде променливо облачно. До понеделник утринските температури ќе опаѓаат, а дневните ќе бидат се повисоки, па во средината на работната недела на југоистокот на земјата температурата ќе достигнува и до 20 степени.