Во Гевгелија референдум дали да се отвори рудник на Кожуф

Во рок од 40 дена општина Гевгелија ќе распише референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за или против отворањето рудници за металични минерални суровини на планината Кожуф, во близина на селото Конско, одлучи на денешната седница општинскиот Совет.

Ваквата одлука произлезе од можноста за покренување постапка за добивање концесија за отворање рудници од отворен тип за експлоатација на металични минерални суровини од страна на две македонски фирми, сопственост на една канадска компанија која на две локации во близина на Конско веќе врши детални геолошки истражувања за ископување на злато преку постапка наречена лужење.

Советот на општина Гевгелија изгради негативен став и оцени дека на планината Кожуф нема никакви услови за експлоатација на злато, без разлика на резултатите од истражувањето пред се поради фактот дека територијата на општина Гевгелија важи за еко-регион во кој се произведува здрава храна, а наскоро токму во тој регион треба да се гради и капиталниот проект Конска брана.

Поради ова, Советот донесе одлука по пат на референдум граѓаните на општина Гевгелија да го кажат последниот збор.