Во Ѓорче Петров мирно, сообраќајот се одвива нормално

Во Ѓорче Петров утрово е мирно, а сообраќајот се одвива нормално.

Во протестите што вчера започнаа по 17 часот, во знак на револт за убиениот матурант Ангел Петковски, а беа организирани преку социјалните мрежи се проведени 27 лица.

Од нив, 16 се приведени во полициската станица во Кисела Вода, а 11 во полициската станица во Карпош и по документирањето на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Полицијата синоќа потврди дека протестите поминале без посериозни инциденти и поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.

Портпаролот на МВР, Иво Котески информираше дека за време на протестите во неколку наврати биле фрлани камења и метални предмети кон полицијата и оти досега имаат сознанија за неколку повредени полицајци и за неколку оштетени полициски возила, но како што рече, поточни информации ќе имаат откако полициските службеници ќе се вратат од терен.

Од полицијата апелираат до граѓаните да не подлегнуваат на никакви провокации и да не дозволат да бидат вовлечени во поголеми инциденти.

– Апелираме и медиумите да работат строго професионално и да не објавуваат непроверени и неточни информации кои можат да нанесат непроценлива штета со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, рече Котевски.

Според полицијата, на протестите биле присутни главно млади лица од 15 до 18 години, членови на различни навивачки групи. Дел од лицата носеле фантомки на главите, безбол палки и стапови.