Македонија

Во ГОБ „8 Септември“ трајно вработени 323 волонтери

Во ГОБ „8 Септември“ трајно вработени 323 волонтери

Вкупно 323 волонтери од Градската општа болница „8 Септември“ денеска добија решенија за редовно вработување. Освен на лекари и медицински сестри, статусот им е решен и на лаборанти, физиотерапевти, болничари и хигиеничари.

Решенијата опфаќаат три групи волонтери  – во првата се вкупно 113 и ним редовниот работен однос ќе им почне од идниот понеделник, 20 јуни, во втората се уште толку, но тие стартуваат со договорите на 1 декември годинава, додека во третата се 97 и тие како редовно вработени почнуваат од 1 септември 2016 година, пренесува МИА.

– Ова е голем ден за сите вас, но и за нас. Изминатите години дадовте голем придонес во работата на Болницата. Како волонтери, со минимален финансиски надомест, а некои и со догови на дело, во состојба на финансиската несигурност и неизвесна иднина во кариерата, работевте вредно, истрајно и со голем ентузијазам. Сосема заслужено денеска добивате значајно признание за вашата посветеност, истакна министерот за здравство Никола Тодоров по доделувањето на решенијата.

Според него, со оваа мерка, за трансформација во редовен работен однос, Владата им овозможува на волонтерите трајно да го решат својот егзистенцијален проблем.

– Само во здравството по овој основ се доделени вкупно 1.939 согласности за вработување и трансформација во редовен работен однос, напомена министерот.

Волонтерите од првата група кои денеска ги добија решенијата се над пет години ангажирани во „8 Септември“, а оние од другите две групи се нешто пократко, две или три години.

– Сите што се вработени кај нас до 31 август по кој било однос, времено или волонтерски, се ставени на листата и сукцесивно ќе добијат редовен работен однос согласно новиот закон, нагласи директорот на Болницата Сашо Стојчев.

Воена болница секогаш имала систематизациски околу 1.000 вработени, а „8 Септември“ на 1 февруари 2010 година имала само 373 вработени. Набрзо после неколку месеци, со одлука на Министерството за финансии, 47 времено ангажирани лица од две до 10 години, добија решенија за редовен работен однос. Моментно, болницата брои 594 вработени.

Според директорот Стојчев, бројот на докторите е 99 проценти пополнет, голем проблем е недостигот на медицински сестри. – Последните 4,5 години, во болницата се примени 106 доктори. Очекуваме да се зголеми и бројот на медицински сестри, рече Стојчев.

„8 Септември“ во 2009 година реализирала 65.000 амбулантско-поликлинички прегледи, а лани 193.000 или три пати повеќе. Бројот на лежечки болни, пак, од 6.400 се искачил на 13.880. Моментно болницата располага со над 170 лекари од кои 150 специјалисти, над 235 сестри невклучувајќи ги радиолошките технолози, лаборантите, физиотерапевтите,… Околу 95 луѓе се ангажирани во администрација или 21 процент.

Со денеска доделените решенија за редовен работен однос, примени се луѓе од 33 различни категории по степенот на образование. Со тоа, како што потенцира директорот Стојчев, полека се затвораат сите празни места.